Амбасада на Република Северна Македонија во Србија

Најнови вести

Османи-Дачиќ: Да се интензивира дијалогот и соработката во регионот

ОБСЕ останува посветена на поддршката на реформските процеси во Србија и во регионот, порача Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи по средбата со првиот вицепремиер одговорен за надворешна политика и безбедност и министер за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ во Белград.  „Помирувањето, градењето доверба и борбата против корупцијата. Овие важни теми, заедно со решавањето на безбедносните предизвици од климатските промени низ регионален пристап, се трите главни приоритети за Западен Балкан на нашето Претседателство со ОБСЕ. Тие се точки на поврзување, заеднички потфати, кои можат и треба да нè обединат сите“, рече Османи на средбата со Дачиќ.   Изразувајќи искрено сочувство за загубата на невините животи по немилите настани што ја погодија земјата, Османи во својство на Претседавач со најголемата регионална безбедносна организација, се фокусираше на актуелните предизвици и можности. „ОБСЕ денеска се движи низ бурни води. Руската воена агресија против Украина ги урна основните принципи на ОБСЕ. Како Претседателство, работиме на обезбедување на поддршка за функционална и флексибилна Организација, нудејќи разновидни алатки со цел да помогнеме во обновувањето на мирот и безбедноста. Наша цел е да го вратиме дијалогот и да ја промовираме соработката“, истакна Османи. Османи потенцираше дека состојбата во моментов бара колективно, одговорно одлучување, повеќе од било кога, како и задолжително зголемување на напорите за ефективен мултилатерализам, со цел воспоставување на мир и соработка. Тој изрази почит кон Мисијата на ОБСЕ во Србија, која обезбедува поддршка на државата во  градење силни, независни, одговорни и ефикасни демократски институции. „Показателите за нашата успешна соработка, меѓу другото, зборуваат за зајакнување на доброто владеење, борбата против корупцијата и поволни услови за работа на медиумите. Ги поддржуваме напорите за поттикнување на помирување во Регионот, иницијативите на граѓанското општество, поврзувањето на младите и зацврстување на улогата на жените. Недискриминацијата, меѓусебното разбирање и партиципативната демократија ќе придонесат за поголема регионалната стабилност и безбедност“, нагласи Османи. Османи истакна дека дијалогот и конструктивна соработка треба да бидат императив, изразувајќи силна поддршка од ОБСЕ за дијалогот Белград-Приштина, посредуван од ЕУ. Во тој контекст упати на важноста на состанокот што се одржа во Охрид со што дополнително се отвори патот за нормализирање на односите.   Претседавачот со ОБСЕ Османи најави дека посетата на Србија ќе ја продолжи во духот на мотото на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ „За луѓето се работи“ и ќе оствари средби со претставници на граѓанскиот сектор, како и посета на теренската канцеларија на ОБСЕ во Бујановац, каде што ќе се сретне со млади луѓе од различни заедници со цел да ја нагласи клучната улога на младите во трансформацијата на општеството и градењето стабилна, инклузивна и просперитетна иднина за регионот.  

Средба на министерот Бујар Османи со новоименуваниот амбасадор на Република Србија, Невена Јовановиќ, по повод предавањето на копиите од акредитивните писма

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес го прими новоименуваниот вонредeн и ополномоштен амбасадор на Република Србија, Невена Јовановиќ, по повод предавањето на копиите од акредитивните писма. Посакувајќи и срдечно добредојде во Северна Македонија, министерот Османи на амбасадорот Јовановиќ ѝ изрази уверување дека за време на нејзиниот мандат ќе бидат вложени напори односите да бидат збогатени со нови содржини од заемен интерес. Покрај редовниот политички дијалог и меѓусебни консултации, во функција на надградба и продлабочување на добрососедските односи, се очекува приоритет да биде ставен на економската соработка и конкретните билатерални и регионални проекти, како инфраструктурното поврзување и отворањето на нови гранични премини, со цел олеснување на севкупната размена и комуникација меѓу двете пријателски земји. Министерот Османи ја повтори благодарноста за помошта од Србија за време на хуманитарната криза предизвикана од пандемијата КОВИД 19 и справувањето со последиците од истата.                                                                                                                                     Скопје,  7 јуни 2021

Министерот Османи ја претстави МКартата, наменета за наши истакнати личности во странство

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес на конференција за новинари го претстави проектот МКАРТА, наменета за поединци со потекло од Република Северна Македонија, како симболично признание за нивниот несебичен ангажман во насока на промоција на државата надвор од нејзините граници. МКартата претставува признание и потврда за истакнати личности или поединци од земјата кои живеат во странство, а кои со својата работа и професионалност покажале истакнат успех, а со тоа и вистинска промоција на Северна Македонија во странство, нагласи Османи. „Како нивна родна земја сакаме да им изразиме благодарност, би рекол на симболичен начин - да им вратиме, да им ја компензираме нивната улога на промотори на земјава, преставувајќи не како земја од која доаѓаат успешни и квалитетни луѓе“,  додаде тој. „Во еден подолг минат период, голем број луѓе не само што ја имаат напуштено земјата, туку и имаат остварен посебен истакната професионален и општествен успех таму каде што се наоѓаат. Тоа се успешни доктори, научници, бизнисмени, културни работници итн., кои сакаме да ги привлечеме кон земјава, да им ја зајакнеме врската и да создадеме потенцијал за нивно поблиско вклучување во нашите општествени текови„, истакна Османи. Идејата е таквите поединци да бидат дел од една поширока мрежа која подлабоко би била вклучена во општествените текови во државата. Целиот процес поврзан со МКартата ќе го координира Министерството за надворешни работи. Со картата ќе се добијат и одредени бенефиции, како слободен влез на културни настани, музеи и галерии, би се добило предност при аплицирање за проекти во рамките на програмите за соработка на Министерството за надворешни работи со поединци и здруженија надвор од Северна Македонија, олеснето регулирање на престој во државата и поддршка во случај на нови бизниси кои се ствараат и слично. Во соработка со други Владини ресори, се работи на проширување на листата на погодности. Планирано е детектирањето на таквите личности да го започнат дипломатско-конзуларните претставништва на Северна Македонија во странство, а доделувањето ќе се реализира во строго предвидена процедура водена во рамките на Министерството за надворешни работи.

Туристички дестинации

Кањон Матка, Скопје

Крушево

Широк Сокак, Битола